Со проучување на подземниот карстен релјеф (пештери, пропасти) се занимава посебна научна дисциплина-спелеологија. Таа е наука за постанокот и еволуцијата на подземните форми во карстот (спелеоморфологија) и подземната хидрографија во карстните терени (спелеохидрологија). Вака дефинирана спелеологијата е дел од геоморфологијата. Но таа е и интердисциплинарна наука, бидејќи покрај морфoгенезата на формите ги проучува растителниот и животинскиот свет во пештерите (биоспелеологија), трагите од праисторискиот човек во пештерите (спелеоархеологија), пештерските седимент (спелеогеологија) и др. Секаде во светот, па и кај нас, спелеологијата не претставува само наука туку има и рекреативна компонента. Така спелеолозите усовршуваат техники на спуштање и качување во пропасти, техники на спасување во пештери и пропасти, фотографирање, скицирање и сл.

Карстот во Македонија зафаќа површина од 3078 км2 или околу 11.97% од територијата. Најголеми карстни површини се наоѓаат на планините: Жеден, Бистра, Галичица, Јакупиуца, како и во Поречкиот Басен, Мариово и изворишниот дел на Црна Река. Помали карстни зони може да се забележат долж реката Вардар (Таорска Клисура, Велешка котлина, Демир Капија) како и во источните делови на Македонија (планините Плачковица и Влаина).

Најголема површина под карст има општина Македонски Брод (531.72км2) а дури 9 од 66 општини во Македонија кои имаат карбонатни карпи, имаат површина на карст помеѓу 100-200 км2. Тие се: Маврово – Ростуше, Струга, Охрид, Кичево, Кавадарци, Сопиште, Прилеп, Гостивар и Желино.

На нашата територија, почетоците на спелеолошките истражувања датираат од периодот помеѓу двете светски војни. Во перидот до II Светска војна во науката се забележуваат имињата на Станко Караман, Војислав Радовановиќ (спелеоморфологија), Зора Караман и Јован Хаџи (биоспелеологија). Во 1924 година од пештерата Мечкина Дупка во Охрид се добиени податоци за рецентна пештерска фауна а во 1925 година е добиена скица на пештерата Дона Дука од страна на Петар С.Јовановиќ.

Во периодот по завршување на Втората Светска војна, започнува организирана спелеолошка активност во Македонија преку Спелеолошка секција при Географско друштво на НРМ (1955 година), Спелеолошко друштво на Македонија (1958) а во поновата историја истражувањата се спроведуваат преку Спелеолошката федерација на Македонија како и неколку НВО кои истражуваат пештери и работат на заштита на животната средина (ИДУС, СД Пеони, СК Златоврв, СНК Врело, СК Кораби, ПСД Орле итн.)

Благодарение на нив но и на истражувачите како што се Душан Манаковиќ, Ристо Гаревски, Станко Станкоски, Томе Андоновски, Драган Колчаковски, Ивица Милевски, Билјана Гичевски, Марјан Темовски и други, во Македонија се истражени повеќе од 400 пештери и пропасти.

Најдолга пештера е пештерата Слатински Извор (4км), а најдлабока пропаст е пропаста Словачка Јама (-610м).