Истражувачкото друштво “Урсус спелеос” – Скопје (ИДУС) е невладина организација формирана во 2001 година. Нејзината основна дејност е спелеологијата како интердисциплинарна наука, како и преземање на активности за грижа, унапредување и одржување на животната средина, поттикнување на иницијативи и активности кои придонесуваат за заштита, одржување и унапредување на животната средина, со посебен акцент на карстните подрачја.

ИДУС тесно соработува со Балканската спелеолошка унија a воедно има организирано повеќе спелеолошки табори како за спелеолози од Македонија така и за спелеолози од целиот Балкан. ИДУС исто така тесно соработува со поголем број на владини и невладини организации, како: Министерство за животна средина и просторно планирање, Природно математички факултет (Институт за биологија, Институт за географија, Институт за хемија), Центар за управување со кризи, ЈПУЗПП “Јасен”, Македонско еколошко друштво, Еколошко друштво “Треска”, Спелеолошки клуб Кораби, Црвен крст Охрид, Планинска спасителна служба при Црвен крст Охрид, Национален парк Галичица и др. Со наведените институции ИДУС има остварено повеќе активности, како: објавување на стручни трудови, истражување на спелеолошки објекти, промоција на алтернативен туризам, подготовка и реализација на проекти и сл. ИДУС континуирано инвестира во човечкиот капитал и гради силна експертиза за животна средина, ГИС, адаптација кон климатски промени, спасување, намалување на ризици од природни катастрофи и волонтерство. Како резултат на работата на ИДУС, организацијата има воспоставено проактивна мрежа со многу владини агенции и институции, национални паркови, невладини организации, професионални здруженија/компании и академии/институти.

Од 2012 година, ИДУС беше назначен за управител на заштитеното подрачје Споменик на природата „Слатински Извор“ во општина Македонски Брод, и со ова организацијата беше признаена како една од малкуте регионални позитивни примери на невладина организација која успешно управува со заштитеното подрачје. Со ова, од 2012 година, организацијата ги прошири своите аспекти и полиња на работа од пештери на:

  • Заштита на животната средина и градење на свест за заштита
  • Климатски промени и намалување на ризици од катастрофи
  • Работа со млади
  • Одржлив развој и зелени работни места
  • Авантуристички туризам
  • Безбедност и спасување итн.


Референтната листа на проекти и активности на ИДУС содржи голем број на релевантни извештаи и студии поврзани со проценки на влијание врз животната средина, анализа на заштитените подрачја, анализи поврзани со спелеологијата, проекти за заштита на природата, подигнување на свеста, одржлив развој, авантуристички туризам итн. Повеќе за истите може да дознаете на следниот линк: https://ursusspeleos.org.mk/za-nas/proekti/

Управители на Споменик на природата „Слатински Извор“

ИДУС, општината Македонски Брод и Министерството за животна средина и просторно планирање, во 2009 година започнаа иницијатива за прогласување на пештерата Слатински извор за Споменик на природа која се наоѓа на Привремената листа за заштита под UNESCO. За таа цел од страна на ИДУС, а на барање на Министерството за животна средина и просторно планирање-сектор природа, изработено е мислење за валоризација на природните вредности на Слатинската област, со потенцирани локации за кои е потребна итна заштита. По доставувањето на мислењето и барањето за прогласување на пештерата „Слатински Извор“ до Министерството за животна средина и просторно планирање, изработен е предлог Закон за Слатински Извор со предлог управител на заштитеното подрачје од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и е проследен до Владини комисии кои се одговорни за оваа проблематика.

Посебно се гордееме дека оваа наша заедничка иницијатива и долгогодишен труд на ова поле, резултираше со Закон за прогласување на Споменик на природа Слатински Извор (Сл.весник бр.23 / 11).Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје со одлука од страна на Советот на општина Македонски Брод на 31-05-2012 година (одлука бр.07-409/12од 31-05-2012 год.) стана управител на заштитеното подрачје Споменик на природа „Слатински Извор“. Спелеолози, доктори на науки, спасувачи, водичи, професори, истражувачи, ентузијасти и вљубеници во природата и пештерите.

Потпишување на договорот со општина Македонски Брод

Материјално технички капацитети

ИДУС располага со лична и групна спелеолошка опрема за вертикална спелеологија (јаже, карабинери,
шлемови, итн.), теренско возило, опрема за спасување, опрема за камп, комуникациски уреди итн. ИДУС има просечно 30 членови (волонтери) годишно од два профила. Научно-истражувачкиот профил се однесува на академските кругови, доктори по медицина, дипломирани на општествени науки, истражувачи, инструктори за спелеологија, логистичари, парамедици и проект менаџери. Спортскиот профил е составен од инструктори за хоризонтална и вертикална спелеологија, инструктори за спасување во пештери, водичи во пештери, спелеолози приправници и спелеолози.

Човечки ресурси