ИДУС, општината Македонски Брод и Министерството за животна средина и просторно планирање, во 2009 година започнаа иницијатива за прогласување на пештерата Слатински извор за Споменик на природа која се наоѓа на тентативната листа за заштита под UNESCO. За таа цел од страна на ИДУС, а на барање на Министерството за животна средина и просторно планирање-сектор природа, изработено е мислење за валоризација на природните вредности на Слатинската област, со потенцирани локации за кои е потребна итна заштита.

По доставувањето на мислењето и барањето за прогласување на пештерата „Слатински Извор“ до Министерството за животна средина и просторно планирање, изработен е предлог Закон за Слатински Извор со предлог управител на заштитеното подрачје од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и е проследен до Владини комисии кои се одговорни за оваа проблематика.

Посебно се гордееме дека оваа наша заедничка иницијатива и долгогодишен труд на ова поле, резултираше со Закон за прогласување на Споменик на природа Слатински Извор (Сл.весник бр.23 / 11).

Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје со одлука од страна на Советот на општина Македонски Брод на 31-05-2012 година (одлука бр.07-409/12 од 31-05-2012 год.) стана управител на заштитеното подрачје Споменик на природа „Слатински Извор“.

Потпишување на договор за управување со општина Македонски Брод

Споменик на природа „Слатински Извор“ се наоѓа во областа Порече и територијално припаѓа на општина Македонски Брод. До долината се стигнува на неколку начини: преку регионалниот пат Скопје – Гостивар – Кичево – Македонски Брод (во должина од 160 km); преку Велес – Прилеп – с.Слатина (во должина од 190 km) и од Скопје преку заштитеното подрачје Јасен (во должина од 84 km со дел на макадамски пат). Западната граница на Споменикот на природата „Слатински Извор“ е гребенот на планината Песјак (Јошков Камен, 1917 m), северната граница е ридот Баба, јужната граница е ридот Габер и источната е реката Треска.

Географска положба на СП Слатински Извор

Во склоп на СП „Слатински Извор“ се наоѓаат населените места: село Слатина, село Горно Крушје и село Долно Крушје. СП „Слатински Извор“ припаѓа на 2 геотектонски единици: Пелагониски хорст антиклинориум и Западномакедонска зона. Првата тектонска единица се наоѓа во источниот дел од заштитеното подрачје и таа е изградена од доломитски мермери со прекамбриумска старост. Втората тектонска единица се наоѓа во западниот дел од подрајчето и е изградена од шкрилци со палеозоиска старост. Двете тектонски единици се одвоени со регионален расед, а во поширокото подрачје се евидентирани неколку покриени или „замаскирани“ раседи.

Геолошка карта на СП Слатински Извор

Најголемото богатство на СП „Слатински Извор“ се пештерите. Имено, овде се истражени 5 пештери: Горна Слатинска, Слатинска 2, Пурало, Овчарска и Слатински Извор, најдолгата пештера во Македонија.

ПЕШТЕРА ГОРНА СЛАТИНСКА

Пештерата Горна Слатинска е хоризонтална и претставува тунелска пештера, односно има влез и излез. Нејзината должина изнесува околу 400 m. Во оваа пештера во зимскиот период е забележана голема колонија на лилјаци. Заштитена од 1953 год. од Републички завод за заштита на споменици на културата и е погодна за алтернатвен туризам

ПЕШТЕРА СЛАТИНСКА 2

Пештерата Слатинска 2 е мала пештера со должина од 126 m и се наоѓа од левата долинска страна на Слатинска Река, на ридот Баба.

ПЕШТЕРА ПУРАЛО

Влезот на пештерата Пурало е на 580 m надморска височина. Пештерата Пурало е на 2 нивоа кои се поврзани со вертикален канал во должина од 11 m, а вкупната должина на пештерата од 1,5 km. Во пониското пештерско ниво има помал речен тек

ПЕШТЕРА ОВЧАРСКА

Влезот на Овчарска пештера е на 579 m надморска височина. Пештерските канали на Овчарска пештера се распоредени на 2 нивоа кои се поврзани со вертикала од околу 15 m. Во минатото влезниот дел на пештера служела како трло за чување на овци и поради тоа го има добиено името.

.

Пештерата Слатински Извор е најдолгата пештера во Република Македонија со должина од дури 4 km. Низ најголем дел од пештерските канали тече река, а на еден од влезовите од пештерата е формиран карстниот извор Слатински извор. На околу 1 km од влезот на пештерата има и мало пештерско езеро. Во оваа пештера, на околу 2 km од влезот на пештерата се евидентирани пештерски украси – корални сталактити кои единствено се јавуваат во оваа пештера. Врз основа на должината на пештерата, морфолошките и хидролошките карактеристики, пештерата Слатински Извор од 2004 година е на Привремената листа на УНЕСКО за светско природно наследство. Поради наведените одлики пештерата и нејзината околина се заштитени како Споменик на природа наречен „Слатински Извор“.

Скица на пештерата Слатински Извор

На територијата на заштитеното подрачје покрај подземните карстни форми, интересен пејсажен амбиент претставуваат и површинските текови Слатинска Река, Крушевска и Марковска Река. На Марковска Река има и мал слап, кој е интересен за туристички посети. На територијата на СП „Слатински Извор“ се наоѓа и солен извор наречен соленица по кој и селото Слатина го има добиено своето име. Во минатото водата од изворот била користена за месење на леб па затоа изворот бил и чуван од страна на локалното население. Меловите претставуваат интересна релјефна форма која била изменета од страна на човекот, поради експлоатација на железна руда во минатото.

Управителот, Истражувачкото друштво Урсус спелеос континуирано во соработка со институциите од општина Македонски Брод како и невладините организации (Еколошко друштво Треска – Македонски Брод) во рамките на заштитеното подрачје спроведува активности за:

  • Непосредна заштита на споменикот на природа Слатински извор;
  • Мониторирање и следење на состојбата на сите вредности и вршење надзор врз спроведување на дозволени активности во споменикот на природа
  • Зачувување на живеалиштата и видовите во природна состојба;
  • Одржување на природно воспоставените еколошки процеси преку трајно зачувување на репрезентативните природно-географски карактеристики
  • Одржување на генетските ресурси во динамична и еволутивна состојба;
  • Заштита на структурните пределски карактеристики;
  • Заштита на автентичните пештерски украси заради научни цели, мониторинг и образовни цели
  • Заштита на споменикот на природа преку подигање на јавната свест, а посебно во образовниот процес
  • Спречување на штетни активности од физички и правни лица и други нарушувања во споменикот на природа, односно обезбедување максимално поволни услови за заштита и развој на споменикот на природата и превземање на мерки за физичка заштита на влезот на пештерите;
  • Заштитата се однесува на делови од живата (фауна) и неживата природа (геоморфолошки и хидролошки елементи) во пештерата и нејзиното непосредно опкружување.
  • ИДУС  согласно со Законот за заштита на природата го чува, се грижи и одржува споменикот на природа „Слатински извор“ и навреме ги превзема пропишаните техничко-заштитни мерки.

Во изминатите години со сопствени средства и со поддршка на донатори како и во соработка со невладини организации и институции се реализирани голем број на активности, а дел од најзначајните се:

  • Поставување на физичка заштита (заштитни врати според EUROBAT стандарди) на пештерите Горна Слатинска, Слатинска 2, Овчарска, Пурало и Слатински Извор
  • Подготвени едукативни флаери и видео материјали за биодиверзитетот и геодиверзитеот во СП Слатински Извор
  • Изработка на Студија за валоризација на геоморфолошки и спелеолошки вредности на Споменикот на природа „Слатински Извор“
  • Поставување на едукативни и информативни табли
  • Уредување на просторот околу Слатински слап и Соленица, уредување на патеки, поставување на насоки и мостови
  • Поставена метероролошка станица за следење и анализа на податоци
  • Поставени дата логери за следење на податоци од вода во пештерата Слатински Извор
  • Туристичко уредување на пештерата Горна Слатинска
  • Воспоставен систем за депонирање на отпад
  • Реализирани кампањи за подигнување на свеста, обуки и промотивни активности
  • Научни истражувања на пештерите, трасирања
  • Мониторинг и превенција од пожари