20 години спелеолошка традиција!

Истражувачкото друштво “Урсус спелеос” – Скопје (ИДУС) е невладина организација формирана во 2001 година. Нејзината основна дејност е спелеологијата како интердисциплинарна наука, како и преземање на активности за грижа, унапредување и одржување на животната средина, поттикнување на иницијативи и активности кои придонесуваат за заштита, одржување и унапредување на животната средина, со посебен акцент на карстните подрачја.

ИДУС е членка на Балканска спелеолошка унија (член на ИДУС е во претседателство на Унијата) a воедно има организирано повеќе спелеолошки табори како за спелеолози од Македонија така и за спелеолози од целиот Балкан.

ИДУС тесно соработува со поголем број на владини и невладини организации, како: Министерство за животна средина и просторно планирање, Природно математички факултет (Институт за биологија, Институт за географија, Институт за хемија), Центар за управување со кризи, ЈПУЗПП “Јасен”, Македонско еколошко друштво, Еколошко друштво “Треска” и др. Со наведените институции ИДУС има остварено повеќе активности, како: објавување на стручни трудови, истражување на спелеолошки објекти, промоција на алтернативен туризам, подготовка и реализација на проекти и сл.

Како резултат на специфичната проблематика со која се занимава ИДУС и квалитетниот експертски тим членовите на ИДУС активно се вклучени во активности поврзани со подготвување на релевантни извештаи и студии поврзани со оцена за влијанието на човекот врз животната средина, оцена за стратешко влијание, анализи на заштитени подрачја, анализи поврзани со спелеологија и слично.

ИДУС, општината Македонски Брод и Министерството за животна средина и просторно планирање, во 2009 година започнаа иницијатива за прогласување на пештерата Слатински извор за Споменик на природа која се наоѓа на тентативната листа за заштита под UNESCO. За таа цел од страна на ИДУС, а на барање на Министерството за животна средина и просторно планирање-сектор природа, изработено е мислење за валоризација на природните вредности на Слатинската област, со потенцирани локации за кои е потребна итна заштита.

По доставувањето на мислењето и барањето за прогласување на пештерата „Слатински Извор“ до Министерството за животна средина и просторно планирање, изработен е предлог Закон за Слатински Извор со предлог управител на заштитеното подрачје од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и е проследен до Владини комисии кои се одговорни за оваа проблематика.

Посебно се гордееме дека оваа наша заедничка иницијатива и долгогодишен труд на ова поле, резултираше со Закон за прогласување на Споменик на природа Слатински Извор (Сл.весник бр.23 / 11).

Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје со одлука од страна на Советот на општина Македонски Брод на 31-05-2012 година (одлука бр.07-409/12од 31-05-2012 год.) стана управител на заштитеното подрачје Споменик на природа „Слатински Извор“.

Спелеолози, доктори на науки, спасувачи, водичи, професори, истражувачи, ентузијасти и вљубеници во природата и пештерите.